ЈА продолжуваме серијата објави за подобро да ги запознаете нашите вработени. Овој пат направивме краток муабет со нашата колешка Љумтурие од Филијалата Полог во Тетово.
Кога и како започна твојата приказна во ФУЛМ?
Во ФУЛМ започнав со работа во 2014 година. На почетокот имав предизвици поради јазикот. Јас го знаев Македонскиот, но кога требаше да работам со документи ми беше вистински предизвик. Но, за среќа имав многу добар “пречек” од тогашната раководителка на Филијалата во Тетово која ме охрабруваше и поддржуваше во секоја потешкотија со која се соочував. Искрено, токму заради таа поддршка не се откажав и останав до ден денес да работам во ФУЛМ.
Која е најважната придобивка или вештина која ја стекна за време на работењето во ФУЛМ?
Најдобрата работа во работењето во ФУЛМ е стекнувањето на вештини на тимски играч. Низ годиниве научив што значи да се биде дел од тим кој победува и дека само ЗАЕДНО МОЖЕМЕ ПОВЕЌЕ.
Што ти е најинтересно од работењето во ФУЛМ?
Најголем дел од работното време го поминувам интересно затоа што секојдневно имам контакти со нашите членови со кои имаме изградено доверба и сме многу блиски. А кога секојдневно работиш со луѓе и тие сакаат да ти ги раскажат нивните приказни, секогаш можеш да слушнеш нешто ново, интересно или да научиш нешто повеќе од најразличните нивни искуства.
Како успеваш сама во секојдневното управување со филијалата во Тетово?
Мислам дека најголема предност е што луѓето веќе стекнаа доверба во мене и имаат толеранција и разбирање. За да ја стекнам таа доверба, секојдневно се трудам да ги услужам што е можно подобро. Се трудам сите мои маки, да ги ставам под тепих, зошто клиентите треба да се чуствуваат пријатно кога доаѓаат во нашите филијали. Сакам да се чуствуваат како дома и да сметаат дека им стојам на располагање за било која потреба..
Како се снаоѓаш во време на коронавирус пандемија?
Секојдневно ги почитувам мерките за заштита од корона вирусот. Кога сум во контакт со нашите членови, постојано носам маска и ракавици. Редовно деизинфицирам во филијалата и секогаш гледам да нема повеќе од еден член присутен во филијалата. Предизвик е да се работи под овие услови, но во моментов тоа е единствен начин да се заштитиме себеси и нашите најблиски. Се надевам дека многу скоро ќе почнеме да живееме нормално
Кое е твоето хоби?
Отсекогаш сум уживала во одгледувањето на цвеќиња. Секоја пролет купувам цвеќиња за дома и ги одгледувам во текот на целата година. Цвеќињата ми даваат позитивна енергија. Освен одгледување цвеќиња уживам и во готвењето. Кога сум слободна, уживам да го поминувам времето готвејќи.
За крај, кое е твоето омиленото цвеќе?
Орхидеа 😊