Главен фокус на работењето на Штедилница ФУЛМ се луѓето, а вработените се клучот за успехот во изминативе 21 година. Вработените во ФУЛМ се како и сите луѓе, со свои предности и по некоја слабост и секој од нас со своите вродени и стекнати вештини максимално придонесува во секојдневното остварување на нашата визија “Со нашите финансиски услуги до поквалитетно живеење”.
Во таа насока сакаме да Ве запознаеме со нашите колеги и колешки, а денес Ве запознаваме со колешката Габи вработена во Централата, која сигурно има што да каже после 18 вредни години поминати во ФУЛМ. Прочитајте го разговорот во продолжение.
Кога и како започна твојата приказна во ФУЛМ?
Мојата приказна во ФУЛМ започна во далечната 2002 година и до денес сеуште трае. Во мое време беше актуелно и модерно да бидеш член на младински задруги, посебно оние преку кои можеш да добиеш работа било за пракса, било за вработување, јас бев член на младинска задруга преку која и дојдов во ФУЛМ. Првата средба со мојата претпоставена Ели беше најверојатно од пресудно значење и еве години наназад ми го потврдува она правилото – прв впечаток последен впечаток.
Зошто сеуште ФУЛМ?
Убаво прашање, но кога не размислуваш зошто си сеуште во Фулм, најверојатно е ПОЛН ПОГОДОК. Не постои една и единствена причина зошто сум сеуште во ФУЛМ, но знам дека позитивниот став, мотивот, еланот и пасијата кој се чуствува кога раскажувам за ФУЛМ не само како место каде што јас работам е повеќе од доволно зошто сум сеуште во ФУЛМ.
18 години е многу убав јубилеј, сигурно се сеќаваш на некоја интересна приказна или анегдота?
Навистина убав Јубилеј – 18 години во ФУЛМ. Има многу интересни приказни. Не знам од кај да почнам, но еве една кратка.На почетокот од моето вработување требаше да одам на семинар во Варшава, Полска, но мојот е-маил кој и до ден денес го има моето моминско презиме знае да направи збунка и често да ме прашаат која е оваа givanovska? Така и се случи одговорниот за патувањето во Варшава откако ги собра сите документи, ми се јавува и ми вели – “слушај јас за сите ги имам документите, но ги нема документите за givanovska, иако постојано добивам е-маил од ова лице, да не знаеш кое е и од која институција?” Се изнасмеав и му кажав дека сум јас тоа лице. 🙂
Која е најважната придобивка или вредност која ја стекна за време на работењето во ФУЛМ?
Секако онаа професионална придобивка која ја стекнав преку секојдневно учење, обуки и споделување на искуство со колегите изминативе 18 години работејќи во Службата за внатрешна ревизија. Тоа е најважната придобивка за да јас денеска професионално и одговорно ја извршувам мојата работа. Но, од друга страна се секако и оние морални вредности кои благодарение на моите колеги од година во година се повеќе се зголемуваат и негуваат.
Што е најдоброто нешто кога работиш во ФУЛМ?
Кога она што е најдобро во работењето не се мери и искажува во бројки се е лесно и се е остварливо. Чуството дека припаѓаш на тим во кој човечноста е на прво место, кога подеднакво се радуваш и на личниот и на заедничкиот успех е секако најдоброто нешто кое во изминативе години се градело и се уште се гради во мојата инстутуција.
Како се справуваш со предизвикот “Ковид-19”?
Како и сите останати, почитувам препораки и носам маска, но секако Ковид -19 за мене беше навистина убаво школо и ме натера онаа листа на вредности конечно да ја ажурирам.
Работа од дома или во канцеларија?
Новото нормално (работење од дома, онлине состаноци и средби) кое само по себе го наметна пандемијата Ковид -19, некако го прифатив како нешто од кое можеш да научиш многу и да бидеш во тренд со технологијата и социјалните медиуми, но дефинитивно – канцеларијата е место во кое не само што се работи, туку и се споделуваат сите убави и тажни моменти со колегите.
Како сакаш да го поминуваш твоето слободно време?
Јас не сум од оние типови кои сакаат да вежбаат и да го поминуваат времето во теретани, но затоа сум љубител на шопинг и кафе покрај море, традиција која години наназад ја негуваме во ФУЛМ.
Што очекуваш од 2021 година?
После пандемијата предизвикана од Ковид 19 секако прво очекувам да бидеме здрави сите и секако сите оние убави, среќни моменти кои не ги прославивме во 2020та да ги прославиме следните 365 дена, а ние во ФУЛМ знаеме и многу да работиме и многу да прославуваме.