Создавање уметност во моменти на домашна изолација

marija Настани и Промоции

Дневник на една самоизолација

Целата приказна почна со поканата од Лигата на кредитни унии од Русија за присуство на Форумот на Руските кредитни унии во Москва. Кога дозна за оваа службена покана, мојата колешка Данијела,  возбудено извика: Ке одиш во Русија? Тоа е мојата животна желба!  Тоа го пишав како желба до ФУЛМ! Уште пред неколку месеци!

Е, сега ќе се вратам една година порано.. По повод 20 годишнината на Штедилница ФУЛМ се одлучи дека ФУЛМ ќе им исполни по една желба на своите вработени. Директорката Ели, која беше и реализатор на оваа ,,желботека” на вработените им остави доволно простор секој од нас да размисли и да напише по 3 желби, што евентуално би можела да ни ги оствари ФУЛМ, во наредниот период. И така, со месеци вработените смислуваа желби, релни и помалку реални…

И ги праќаа на мејл до директорката.. И така, еден ден, многу скоро, добивме известување дека ќе се разлизира првата желба – колешката Сузана напишала дека нејзин животен сон е да го посети Лас Вегас и да ,,фрли некој зар” во неверојатните светлечки казина таму… И отиде.. Толку беше возбудена и со неверување се до моментот кога стапна на Американско тло…

Така, почна исполнувањето на желбите.. еден по друг.. неколкумина.. Се до желбата на Данијела која посака да оди во Русија.

Директорката Ели, одлучивме да го спои мојот службен пат и желбата на Данијела, и заедно почнавме да се подготвуваме за пат кон Москва. Додека ние се подготвувавме, визи, авио карти, чизми и што се не треба за вакво ,,историско” патување.. нешто ужасно сериозно се случуваше на другиот крај на светот.. Во Кина косеше вирус, наречен Корона.. Но, мислевме дека е тоа многу далеку од нас… Како уште една вест на телевизија.. за таму некаде далеку.. , во далечната Кина, а ние овде нема за што да се грижиме… Покасно, се докажа дека не било така.. Но, да се вратам на нашата приказна…

Тргнавме, на 10 март 2020, година, со авион преку Виена, Австрија и стигнавме ноќта во Москва. По пат, низ аеродромите, освен во Скопје, немаше никаква паника за вирусот, ниту меѓу вработените во аеродромите во Виена и Москва, ниту меѓу патниците. Животот течеше вообичаено, како ништо да не се случува.. Тука-таму, по некој човек со маска.. меѓу илјадници…

Во Москва бевме пречекани со највисоки почести, од нашите ,,колеги” од кредитните унии на Русија. Форумот траеше 3 дена, на кој споделивме искуства и се сложивме дека каузата ,,луѓе помагаат на луѓе” е универзална филозофија која го поттикнува чувтството на припадност кон едно семејство- семејството на светските кредитни унии.

Две попладниња и едно утро ни останаа за прошетка по неверојатната Москва. Премалку време за премногу богатство на култура, убавина и историја. Сепак, успеавме да го допреме тој свет и да понесеме најубави спомени од Москва и рускиот народ…

Паралелно на густата агенда што се случуваше во Москва, во Македонија и Европа се случуваше неверојатна експанзивна ситуација на ширење на корона вирусот и прогресивни мерки за заштита од истиот. Сето тоа се случуваше во вртоглава брзина. На 11 март, добивме инфо дека градинките и училиштата се затвараат во Македонија, дека има се повеќе заразени, дека Владата подготвува сет мерки за справување со кризата.. И секој ден добивавме вести за се полоша ситуација.. А во Москва – ништо.. Луѓето функционираа нормално, како воопшто ништо да не се случува..

Се до 14 март 2020, кога се упативме кон Московскиот Аеродром. На пултот за чекирање карти ни рекоа дека нашиот лет од Виена до Скопје е откажан… Тука почна се… 6 часа стоевме на пултот, барајќи од вработените да ни најдат некој друг лет да се вратиме дома.. Никогаш нема да заборавам колку бевме наоблечени, со торби, со маски, ракавици, нервозни, испаничени, без решение, а девојката што се обидуваше да најде некој лет за враќање во МК, беше со кратки ракави, молчеше со саати со телефонската слушалка на рамо, чекајќи некој да и одговори за евентуален друг лет до Скопје… а внатре имаше 40 степени… Чекајќи на пултот, постојано бевме онлајн на чат со нашата директорка Ели и Кате, која го организираше нашето патување, и со најблиските.. Сите даваа некои предлог-решенија…

Немаше решение, ни кажаа дека ќе мора да се вратиме во аеродромскиот хотел во Москва, да ја поминеме ноќта таму и ни ветија дека утре ќе ги има истите летови од Москва до Виена и Виена до Скопје.

Тоа е.. излеговме надвор од Аеродромската зграда со целиот багаж со нас, барајќи го комбето што требаше да не носи до аеродромскиот хотел.. Ех, и тоа беше вистинска авантура, ова е, не е.. внатре- надвор, го прашавме шоферот- вели не сте вие за кај нас.., го пропуштивме.. Па назад, па пак надвор, (со сиот багаж!) па излезе дека тоа било комбето.. И на крај, конечно дојдовме до аеродромскиот хотел.. За приказната во хотелот, во некоја друга прилика..

Сабајлето одлучивме рано да одиме на аеродромот Домодедово, во Москва, за секој случај, иако летот ни беше во 15:40. Се чекиравме, и ни рекоа дека денес нема да има проблем, летот од Виена до Скопје ќе се реализира по планот, во 10:45. Преседовме пред гејтот неколку саати, за да биде ,,сигурно”. Кога се отвори гејтот, тргнавме кон влезот во авионот. Кога ми ја видоа картата, една од вработените ме повика на страна и ми кажа дека летот од Виена до копје е откажан! Многу се налутив, затоа што тоа ни го кажуваат сега кога нема назад.. Прашав што ќе правиме сега во Виена, каде ќе одиме, особено што во тие 2-3 дена Австрија влегуваше во групата на земји со најмногу заразени? .. НИ рекоа, одете во Виена, таму ќе ви најдат решение.. И тоа е, немаше назад.. Летнавме за Виена..

Да биде приказната уште поинтересна, кога слетавме во Виена, на излез од Авионот, одејќи по ходниците на аеродромот, ми се приближи една девојка и ми рече: ,,Извинете, ве слушнав дека сте од Македонија, може ли да бидам со вас, бидејќи многу ми е лошо, повраќав цела ноќ, глава ме боли, воопшто не се чувствувам добро..?!” Се скочанив.. Во првите неколку секунди не знаев што да одговорам!.. Во целиот стрес со корона вирусот и неможноста да се вртиме во Скопје по планот, сега се појавува и нов предизвик! Човечнота во мене инстиктивно велеше: Секако девојче дека може да бидеш со нас, а стравот од Корона вирусот ми ги замрзнуваше зборовите да не истечат.. Сепак, хуманоста проговори: Секако, нема проблем, ќе се движиме заедно.. Одевме заедно, а морници ми поминуваа низ грбот.. Ех, какви се предизвици може да ни донесе животот.. Мило ми е дека и помогнавме на девојата.. беше сама, и патеше од мигрена.. Но во тој момент никој не можеше во ништо да биде сигурен..

Стигнавме во Виена, ние три J Лутавме по аеродромската зграда се додек не го најдовме ,,вистинкиот” шалтер на Austrian airlines, и кога таму … стотици луѓе, седнати, легнати, нервозни, чекаат на ред.. Земавме бројче.. 358-ми по ред.. Уште 150 пред нас.. Најдовме некоја пластична кутија и седнавме и ние.. Чекавме со саати.. Чатувавме нон-стоп со Ели, Кате, најблиските колеги, нашите дома.. Повторно нови идеи за можни други летови до Скопје.. Никогаш нема да ги заборавам зборовите од нашата директорка Ели: ,,Немојте да се грижите, ако не ви најдат хотел, јас ќе ви најдам, ако немате пари, ние ќе ви пратиме, ќе направиме се за да ве вратиме дома..”   Чатувавме со нашата онлајн поддршка се до моментот околу 22 часот вечерта, кога сите можни варијанти за друг лет пропаднаа, стигнавме на ред, број 358… Вработената едноставно, без многу зборови за нашиот проблем, едноставно ни даде ваучер за аеродромскиот хотел и карти за евентуален нов лет од Виена до Скопје, за наредниот ден.. Немаше што да се прави, си ги земавме торбите и се упативме да го бараме хотелот… ,,Преспавме” уште една ноќ..

Третиот ден рано сабајле, пак дојдовме на Аеродром. Ги чекиравме картите и се ,,залепивме” до гејтот, одбројувајќи ги часовите и минутите за влез во авионот за Скопје.. Овој пат бевме подготвени на се.. на откажување на лет, на расправии, на барање нови решенија, а сепак, очајно очекувајќи дека летот ќе се реализира.. И не бевме сигурни дека ќе си дојдеме дома, дури ни кога рекоа дека гејтот се отвара за влез во авионот. Не бевме сигурни ни дека авионот ќе слета во Скопје.. Се додека не слета.. Паранојата предизвикана од корона вирусот беше во полн ек, ги зафати сите.. Страв ти е да допреш нешто, да проговориш со некој, па гужвите со изјавите за самоизолација, па гужвите во редот за проверка на температура при излез од аеродромот.. Хаос!

Како и да е, добрата вест беше дека стигнавме во Скопје, но веста што ја добивме во меѓувреме од директорката Ели, дека ќе мора да бидеме во самоизолација во наредните две недели, малку ни ја помати среќата што сме дома.. Сепак, бевме свесни дека тоа е во исто време и законска обврска, но и заштита за нашите најблиски. Додека ние бевме во потрага по лет за Скопје, Штедилница ФУЛМ изнајмила стан во близина на централата, па со такси бевме пренесени директно во станот за самоизолација, каде веќе беа донесени нашите компјутери и опрема од работа, а на кујнската маса не чекаше куп овошје и кафе за добредојде. По неколку часа, пред вратата се најде украсна кеса со јадење и порака за добредојде од директорката… Некои работи едноставно немаат цена…

Иако разделени од семејствата и колегите, јас и Данијела поминавме навистина едни неверојатни 3 недели заедно. Како природата не створила да бидеме креативни и не паѓаме со духот, одлучивме да си оствариме некои работи, за кои не можеше да се најде време во ,,нормалниот” живот. Имено, Данијела отсекогаш сакала да проба да слика на платно, но досега не успеа да најде време за тоа.. Јас пак, со години сликам, но и моето време е доста ограничено.. Не само за моите слики, туку и за подучување некого да слика…Но еве, дојде времето! Побаравме да ни донесат платна, четки и бои и почнавме!

Ова беше неверојатна прилика за Данијела, да и помогнам да научи да слика! Ја прашав, што би сакала да сликаме, а таа без размислување ми рече дека сака да ја сликаме Црквата Св.Василиј на Црвениот плоштад во Москва! И реков дека е тоа претешка задача, особено не за почетник! Но, не можев да и го ,,скршам ќефот” … премногу беше фасцинирана од убавината на црквата, која имавме прилика да ја видиме и во ,,живо” .. И така, чекор по чекор, ден за ден, работевме.. До 16 часот кредити, депозити, мерки, одлуки, а по 16 часот сликавме.. Секој ден..

И дојде денот кога заврши нашата авантура. Заради безбедност на сите, 20-тиот ден отидовме да направиме тест за корона вирус, и како и што очекувавме, бидејќи немавме никакви симптоми, резултатите беа негативни. Сликите беа готови и ќе бидат сведок и потсетник за еден неверојатен период од нашите животи, исполнет со многу измешани емоции на страв, неизвесност, восхит, грижа, копнеж и љубов по најблиските, благодарност за целата грижа за нашите семејства која ја понесоа нашите најблиски додека не бевме со нив физички, благодарност до директорката која на најдобар можен начин се погрижи оваа незивесност да ја сведе на минимум и да направи да се чувствуваме колку што е можно згрижени и заштитени. Во знак на благодарност, мојата слика и ја подаривме на директорката како симбол за победата на доброто над злото, на убавото над лошото, за доброчинството над себичноста, симбол на победата на човечноста и моралните вредности.

Благодарам до Данијела, која се покажа како исклучителен другар и сопатник, вреден соработник и талентиран ученик.

Благодарам до Кате и колешките од нашата Филијала ЈСП, кои поминуваа низ овој период со нас-онлајн и со кои ги делевме грижите и надежите.

Благодарам до нашите семејства, кои јуначки издржаа цел месец без нас.. Не им беше лесно, но најважно е што сме сега сите здрави, заедно, дома…

 

Текст: Марија Цветковиќ