Политика за управување со оперативен ризик

ПОЛИТИКА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОПЕРАТИВЕН РИЗИК

Идентификување на оперативниот ризик

(1) Процесот на идентификување на оперативниот ризик овозможува да се опфатат сите ризични настани на кои е изложена Штедилницата, без разлика дали станува збор за настани кои што можат или не можат лесно да се квантифицираат. Исто така, воспоставениот начин на идентификување на оперативниот ризик треба да овозможи опфаќање и на сите идни ризични настани и фактори. Оттука, ефикасното идентификување на оперативниот ризик треба да ги земе предвид внатрешните и надворешните фактори кои што можат да имаат негативно влијание врз профилот на ризичност на штедилницата.

(2) Внатрешните фактори се поврзани со природата на активностите што ги врши Штедилницата, нејзината организациска структура и промените во оваа структура, квалитетот и промената на човечките ресурси и слично. Изложеноста на оперативен ризик е поголема кога Штедилницата воведува нови производи или активности, освојува нови пазари и/или врши деловни активности во региони кои што се географски оддалечени од седиштето на штедилницата. Инвестирањето во информациската технологија како техника за намалување на оперативниот ризик може да има и спротивен ефект. Во практиката има голем број примери кога користењето на автоматизирани процеси предизвикува претварање на т.н. мали, но чести загуби во големи, но ретки загуби.

(3) Еден од видовите оперативен ризик кој може да предизвика значителни загуби за Штедилницата е користењето услуги од надворешни лица. Преносот на дел од активностите на надворешните лица и користењето на нивното искуство и знаење во соодветната област може да го намали профилот на ризичност на Штедилницата. Од друга страна, користењето надворешни лица не ја намалува одговорноста на органите на Штедилницата за начинот на кој се врши одредена активност. Органите на Штедилницата и понатаму се одговорни да обезбедат сигурно и ефикасно работење на надворешното лице и почитување на соодветната законска регулатива. Во спротивно, несоодветноста на надворешното лице и на услугите коишто тој ги врши можат да имаат негативно влијание врз работењето на Штедилницата . 

(4) Кон овие фактори поврзани со работењето на штедилницата треба да се додадат и надворешните фактори, како што се промените во банкарското работење и технолошкиот развој. Овие фактори имаат соодветно влијание врз нивото на оперативен ризик на кое е изложена штедилницата и кое што треба да се земе предвид при управувањето со тој ризик.

(5) Она што е особено значајно е пристапот кон идентификувањето на оперативниот ризик да се применува во сите организациски единици на ист начин, односно секоја организациска единица на штедилницата да има исто разбирање за секој вид на ризичен настан кој што претставува изложеност на оперативен ризик.

Оцена или мерење на оперативниот ризик.

(1) Покрај идентификувањето на оперативниот ризик, Штедилницата треба да ја оцени и чувствителноста на овој ризик, што ќе овозможи подобро разбирање на сопствениот профил на ризичност и подобра распределба на потребните ресурси за управување со оперативниот ризик.

(2) Штедилницата користи неколку инструменти за оцена на оперативниот ризик, и тоа:

1)Сопствена оцена на ризикот – штедилницата прави оцена на сопственото работење и активностите кои што ги врши за да ги утврди потенцијалните ризични настани. Овој процес се одвива кај самата штедилница (интерно) и може да вклучи пополнување на разни прашалници/листи во врска со оперативниот ризик (цхецклистс) и/или организирање работилници во штедилницата за изложеноста на оперативен ризик. Сопствената оцена може да ги вклучи следниве елементи: опис на разбирањето на оперативниот ризик, идентификување на ризичните настани, определување на носителите (лица, организациски единици, производи или услуги, системи и слично) на тие настани, определување на лицата кои што треба да преземат соодветни активности за контрола и намалување на оперативниот ризик и слично.

2)Показатели на ризик – најчесто станува збор за финансиски показатели кои што даваат слика за профилот на ризичност на штедилницата. Овие показатели треба да се разгледуваат на редовна основа (месечно или квартално) со цел навремено да се идентификуваат промените кои што можат негативно да влијаат врз нивото на ризичност. Како примери за вакви показатели можат да се земат: фреквенцијата и/или големината на грешките и пропустите и слично;

                                                           Следење на оперативниот ризик

(1) Редовното следење на оперативниот ризик овозможува навремено идентификување на проблемите или недостатоците во политиките, процедурите или практиките за управување со овој ризик. Тоа претставува основа за преземање навремени мерки за отстранување на утврдените проблеми/недостатоци, што од своја страна придонесува за намалување на бројот и големината на остварените загуби.

(2)За ефикасно следење на оперативниот ризик, штедилницата може да определи гранични вредности на за ризик коишто ги користи за мерење на овој ризик. Треба да ги земат предвид потенцијалните извори на оперативен ризик, како што се брзиот развој, воведувањето нови производи, промени во човечките ресурси, грешки при спроведувањето трансакции или во функционирањето на информациските системи и слично.

(3) Граничните вредности за ризик од став 2 од овој член се определуваат со Одлука на Единствен содружник. Одлуката треба да се ревидира најмалку еднаш во годината

  Контрола и намалување на оперативниот ризик

(1) Заради воспоставување соодветна контрола на нивото на оперативен ризик, Штедилницата врши анализа која што ќе овозможи утврдување на:

1) ризиците коишто ќе ги прифати како дел од нејзиното работење, а ќе ги покрива преку издвојување соодветно ниво капитал или преку нивно вклучување во цената на производите/услугите коишто ги нуди;

2) ризиците коишто ќе бидат прифатени и ќе бидат предмет на контрола или намалување, вклучувајќи и нивен пренос на трети лица преку осигурување на ризичните настани;

3) ризиците коишто нема да ги прифати (ќе ги избегнува).

(1) Контролата ќе содржи и:

1) следење на концентрацијата на одлучување со цел доследно почитување на овластувањата утврдени со Политика за управување со кредитен ризик на Штедилницата и правата за одобрување на кредити кои произлегуваат од неа (ризик од остварената концентрација на одлучување)

2) следење на исполнувањето на законските прописи во областа на супервизорските стандарди (ризик по основ на ризикот на законската регулатива).

3) адекватна поделба на должности со цел елиминирање на преклопувањето на извршителската од контролорската функција и

4) преземање мерки за привремено замрзнување на сметките и одбивање за вршење на трансакции како и издвојување на резервација за покривање на таков вид ризик (ризик од перење пари);

5) следење на сомнителните трансакции на физичките и правните лица,

6) Дефинирање на области или сегменти во работењето кои се потецијално повеќе ризични од останатите во Штедилницата

(1) Пред да се прифати ризикот треба да се разгледаат следниве аспекти:

1) Потенцијалниот износ на загуба;

2) Можноста за претрпување на загуба, и

3) Потреба од осигурување на услугите кои се даваат

КУЛТУРА НА РИЗИК

(1) Во рамките на воспоставената корпоративна култура и вредности, штедилницата воспоставува и спроведува соодветна култура на ризик, заснована на принципи и очекувања за одговорно и етичко однесување при преземањето на оперативниот ризик во рамките на сите активности во штедилницата.

(2) Штедилницата обезбедува јасно споделување (обуки и слично) на корпоративните вредности и на целите на воспоставениот систем за управување со оперативниот ризик, во обем и детали што нема да ја нарушат тајноста на чувствителните информации, а ќе овозможат создавање и одржување на свесноста на органите и вработените за оперативниот ризик и за нивните овластувања и одговорности при преземањето и управувањето со оперативниот ризик